Македонија Во Брисел започна објаснувачкиот скрининг за кластерот „Ресурси, земјоделство и кохезија“

Во Брисел започна објаснувачкиот скрининг за кластерот „Ресурси, земјоделство и кохезија“

Северна Македонија досега го заврши билатералниот и објаснувачки скрининг за четири кластери или вкупно 26 поглавја и 3 области

фото: Секретаријат за европски прашања

Од денеска па сè до 20 јули во Брисел, според скрининг агендата, македонската делегација заедно со албанската ќе го следи објаснувачкиот скрининг за Кластер 5, „Ресурси, земјоделство и кохезија“, соопштија од Секретаријатот за европски прашања.

Од таму велат дека се работи за важен и обемен кластер кој регулира пет поглавја поврзани со економскиот развој на земјата како земјоделство и рурален развој, безбедност на храната, ветерина и фитосанитарна политика, рибарство, регионална политика и координација на структурните инструменти, како и финансиските и буџетски одредби.

„Во текот на овие четири дена од објаснувачкиот скрининг за Кластер 5, експерти на Европската комисија ќе ги презентираат пред делегациите на Северна Македонија и Албанија новите директиви и регулативи од легислативата на ЕУ донесени после 2018 година, а нашата делегација треба да ја посочи временската рамка, во која се очекува земјата да ја усвои и вметне новата легислатива во националното законодавство“, велат од Секретаријатот за европски прашања.

Земјава досега го заврши билатералниот и објаснувачки скрининг за четири кластери или вкупно 26 поглавја и три области.

До ноември годинава, останува да се комплетира и билатералниот скрининг за последните два кластери – „Ресурси, земјоделство и кохезија“ и „Надворешни односи“.