Македонија Во Брисел средба на Никола Димитров со еврокомесарот за проширување Вархеји

Во Брисел средба на Никола Димитров со еврокомесарот за проширување Вархеји

Извор на фотографија: Сектор за европски прашања

Потпретседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска во Брисел оствари средба со Оливер Вархеји, еврокомесар за соседство и проширување, на која во посебен фокус беа следните чекори на европскиот пат на нашата земја, вклучувајќи го усвојувањето на Преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ, информираат од Секретаријатот за европски прашања.

Вицепремиерот Димитров се заблагодари на тимот на еврокомесарот Вархеји за вложените напори од страна на Европската комисија во светло на отпочнување на преговорите со Унијата, како и за економската помош што Северна Македонија ја добива во контекст на сузбивање на последиците од пандемијата.

– Спремноста, визијата и посветеноста на нашиот тим за реализирање на овој стратешки национален интерес ја потврдува потребата за следниот историски чекор на нашата европска агенда – отпочнување на пристапниот процес – изјави Димитров.

Двете страни го потенцираа значењето на периодот што следи, суштински за европската иднина на Северна Македонија, во кој што државата ќе покаже нагласена политичка заложба и ќе ги впрегне целокупните капацитети за натамошна испорака и имплементација на реформи во клучните области, со цел напредок за нејзините граѓани.