Свет Балкан Во Благоевградско се спроведуваат проекти вредни 459 милиони евра

Во Благоевградско се спроведуваат проекти вредни 459 милиони евра

Во регионот околу бугарскиот град Благоевград, во близина на Делчево и на македонско-бугарската граница, во моментов се изведуваат проекти вредни 895 милиони лева, односно речиси 459 милиони евра, а парите се од Европските структурни и инвестицииски фондови, јави бугарската агенција „Фокус“.

Најголемиот дел од тие пари, односно 739,2 милиони лева се од оперативната програма „Транспорт и транспортна инфраструктура“ и се наменети за автопатот Струма од Благоевград до Крупник и од Кресна до Сандански, како и за тунелот Железница. Од нив 628 милиони лева се од Кохезискиот фонд, а другите се финансирани од Бугарија во рамките на фондот.

Во Благоевград ќе се потрошат 73,38 милиони лева од оперативната програма „Региони во растеж“, и тоа за подобрување на градските средини, за мерки за поголема енергетска ефикасност во јавни и административни згради, како и за обнова и за модернизирање на училиште и за изградба на социјални станови. Со европските пари се изведуваат проекти и во градовите Гоце Делчев, Разлог, Сандански и Кресна, а ќе се обновува и канализациската мрежа во Банско.