Свет Балкан Во Белград сослушано момчето кое уби десет луѓе во училиштето „Владислав Рибникар“

Во Белград сослушано момчето кое уби десет луѓе во училиштето „Владислав Рибникар“

Момчето во својот исказ изразил каење за стореното, тврди за Н1 адвокатката на неговиот татко, Ирина Боровиќ

Фото: Архива, Wikimedia Commons, https://www.youtube.com/watch?v=wzRlDjH2dLM

Вишото јавно обвинителство денеска го сослуша малолетниот Коста К. кој на 3 мај годинава со пиштол пукаше во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград и уби го чуварот во училиштето и девет соученици, а тешко рани пет ученици и една наставничка, пренесува Н1.

„Тој во моментот на горенаведените дејствија немал уште 14 години и како таков не е кривично одговорен, а исказот како сведок го дал во присуство на неговиот законски застапник, неговата мајка“, се вели во соопштението на Вишото јавното обвинителство.

Тој бил сослушан преку видео конференција од здравствената установа каде што е сместен, откако го изврши масакрот.

Момчето во својот исказ изразил каење за стореното, тврди за Н1 адвокатката на неговиот татко, Ирина Боровиќ.

Таа рекла дека Коста К. детално бил испрашуван и дека го потврдил она што претходно го изјавил таткото за начинот на чување на оружјето со кое се извршило масовното убиство – дека истото било соодветно обезбедено.

Таа додала и дека момчето изјавило дека татко му не му дал оружје за првпат, како што се шпекулирало во медиумите.

„Денеска изрази каење за тоа што го направи“, изјавила Боровиќ.

Кривична постапка се води против неговиот татко, Владимир К., поради сомнение дека сторил тешко кривично дело против општата безбедност, со оглед на тоа што масакрот бил извршен со неговото оружје, а тој претходно го носел синот на стрелиште.