Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Здравството во времето на СДСМ беше еден од најзапоставените ресори

ВМРО-ДПМНЕ: Здравството во времето на СДСМ беше еден од најзапоставените ресори

Петре Шилегов нема капацитет да разбере дека ВМРО-ДПМНЕ ја добива поддршката од граѓаните токму поради проектите што ги нуди и на кои напорно работи да се реализираат, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на изјавата на портпаролот на СДСМ.

„Кога е здравството во прашање, СДСМ не отстапува од залудните очајнички обиди стопати да каже лага и да се надева дека ќе успее да ја протне како вистина. Здравството беше еден од најзапоставените ресори кога ВМРО-ДПМНЕ ја доби честа и одговорноста од народот да ја предводи Владата на Република Македонија. Децениски старите објекти, недостигот од најосновна опрема и апарати, користењето застарени апарати повеќето добиени како донација, неупотребливи апарати и долги листи на чекање, корупција, вклучувајќи и корупција за најелементарни работи (доаѓање на ред за прегледи и за третмани), недостиг од лекови, континуирано запоставување на кадровски план. Набавката на нова опрема продолжи и во периодот на најголемата политичка криза, затоа што навистина има многу да се надомести“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Од владејачката партија истакнаа дека ги исполнувале ветувањата што им ги давале на граѓаните и дека ќе го исполнат и ова ветување во здравството.