Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Заев трет ден не кажува што договорил во Софија

ВМРО-ДПМНЕ: Заев трет ден не кажува што договорил во Софија

„Заев трет ден молчи и бега од одговор, одбивајќи да ѝ каже на македонската јавност што точно договорил во Софија. Заев има обврска за транспарентно и инклузивно работење, особено кога станува збор за прашања од највисок национален интерес“, порача ВМРО-ДПМНЕ во своето редовно утринско соопштение.

„Граѓаните на Република Македонија се вознемирени бидејќи не знаат што точно прифатил Заев во договорот чие потпишување го најави за 2 август. Зоран Заев треба да им одговори на македонските граѓани кои делови од учебниците по историја ќе ги брише и кој ќе одлучи што да се брише? Дали ги прашал за тоа македонските граѓани на кои им ветуваше дебата за секое позначајно прашање?“, се вели во соопштението.

Опозициската партија порачува дека истовремено „гласни се поединци од Бугарија, кои со восхит гледаат на дејствијата на Заев, според кои македонскиот јазик е пишана форма на бугарски дијалект, а македонската историја е бугарска“.

Од партијата прашуваат дали целта на Заев е Македонија, нејзиниот јазик, култура и историја да бидат негирани.