Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Снимката е доказ дека граѓаните се револтирани од провокаторите од СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ: Снимката е доказ дека граѓаните се револтирани од провокаторите од СДСМ

Лицето кое се гледа на снимката не е дел од придружбата, ниту пак дел од тимот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, и не е член на партијата, реагираат од владејачката партија откако бугарската телевизија „Нова“ објави дека приврзаник на владејачката партија физички нападнал и удрил лице, кое му стави забалешка на поранешниот премиер околу санирањето на штетите од невремето.

„Се работи за човек кој е дел од локално население, каде мнозинството се етнички албанци на кои им се помага во расчистување на последиците од невремето. Снимката е доказ дека локалното население е револтирано и ги отфрла уфрлените провокатори од СДСМ и нивните привезоци, кои свесно и намерно имаат за цел, наместо да помагаат да предизвикуваат инциденти“, стои во соопштението,

Од партијата истакнуваат дека не поддржуваат насилство и ја повикаа СДСМ да престане со провокациите и да не ја злоупотребува трагедијата.

„ВМРО-ДПМНЕ осудува и не поддржува никакво насилство, но и во исто време изразува згроженост од недоличните обиди на СДСМ да ја злоупотребува трагедијата на граѓаните погодени од невремето преку уфрлени провокатори за кои постојат информации дека добиваат наредби да доаѓаат и од други населени места и немаат никаква врска со населението погодено од невремето. Го повикуваме СДСМ да престане со провокациите и местенките како дел од стратегија, за што доказ е и оркестираното ширење дезинформации на медиумите под контрола на СДСМ во насока на создавање на тензии нервоза и конфликти меѓу населението“, велат од владејачката партија и порачуваат дека нема да се откажат од посветеното помагање во расчистување на последиците од невремето.