Македонија ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ прави низок обид да дојде до власт по секоја цена

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ прави низок обид да дојде до власт по секоја цена

СДСМ продолжува со своите правно неаргументирани и неиздржани пријави базирани на манипулации, до Јавното обвинителство, за да ја дефокусира јавноста од скандалозното и деструктивно сценарио што го спроведува Зоран Заев, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по повод денешната изјава  на Дамјан Манчевски од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека денеска таа задача му била доверена на Дамјан Манчевски, кој, како што велат од владејачката партија,  јавноста го знае по две работи – првата е аферата со паркинзите во Куманово, каде неговата фирма доби тендер од околу 400.000 евра од неговиот сопартиец и градоначалник на Куманово, и второ по тоа што за најголем свој успех го смета фактот дека е десна рака на Радмила Шекеринска и „аминџија“ на сите нејзини погубни политики.

– Ете со ваков човек СДСМ се обидува да ја манипулира јавноста. СДСМ наместо да прави алиби за штетата која им ја нанесува на Македонија и на граѓаните, треба да одговори на десетиците прашања што јавноста ги има кон нив, а се поврзани со секојдневните лаги кои ги пласираат и сами си ги демантираат. На сите им е јасно дека СДСМ направи крајно низок обид да се добере до власт по секоја цена, без поддршка од народот, без избори, користејќи креирани и сечени материјали, добиени на криминален начин од некој кој не ѝ мисли добро на Македонија – пишува во реакцијата.