Македонија ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ нема да може да избега од волјата на народот

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ нема да може да избега од волјата на народот

„Македонија мора да оди напред и не смее веќе да биде заложник на политичката криза и на агонијата која е создадена изминатиот период. Народот бара решенија за секојдневните проблеми, а не партиите како приоритет да ги имаат личните интереси на нивните раководства“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на заклучоците од централниот одбор на СДСМ.

„Фер и демократски избори ќе има и тоа не е прашање кое СДСМ треба да го загрижува. Тоа што СДСМ треба да го загрижува е отпорот кој се создаде во државата против нивната деструктивна политика, базирана на фабрики за афери, сплетки, интриги, шпионски филмови и на манипулации. Државата, нејзината иднина и иднината на граѓаните не смеат да зависат од себичноста, деструктивноста и кусогледоста на неколку лица од опозицијата. Агонијата треба да ја оставиме зад нас. Очекуваме СДСМ како партија која го води МВР и има одлучувачко влијание во ДИК, единствените институции од кои директно зависат изборите, да го даде својот придонес во организирањето на фер и демократски избори и да не го опструира процесот заради стравот од соочувањето со граѓаните. Впрочем, новата Влада во која ќе учествуваат има една цел, организирање избори“, пишува во реакцијата на владејачката партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека е доста од закани и од лажни пароли и навреди, туку дека е време Македонија да продолжи напред по патот на напредокот.

„На 24 април народот на фер и демократски избори ќе каже што мисли за партиите и за нивното однесување, понуда и програма и СДСМ нема да може да избега од волјата на народот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.