Македонија ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не се грижи за интересот на Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не се грижи за интересот на Македонија

СДСМ гласаше против модернизацијата на одбраната на Република Македонија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Максим Димитриевски.

Од владејачката партија велат дека на седницата на парламентот, на која биле нужни гласовите на опозицијата за да се изгласа ослободување од ДДВ и од цариина за набавка на опрема за Армијата, СДСМ одлучил интересот на Република Македонија да го стави на последно место.

„Квалитетот на одбраната беше жртва на фрустрациите и на деструкцијата на СДСМ. Наместо да покаже државничко однесување, СДСМ на срамен начин ја стави државата во опасност и демонстрираше незамислива неодговорност. Максим Димитриевски и СДСМ можат бескрајно да се обидуваат со ноторни лаги и со чисти измислици од нивните фабрики за афери да го покријат ваквото срамно и неодговорно однесување на СДСМ, меѓутоа и сто пати да ги кажат нивните лаги, тие е невозможно да станат вистина“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека СДСМ воопшто не се грижи за интересот на Македонија и на бранителите, туку за деструктивни сценарија кои ѝ штетат на државата.