Македонија ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Локвенец губат допир со реалноста

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Локвенец губат допир со реалноста

Од СДСМ со своите лаги стануваат бескруполозни, безобразни и сакаат граѓаните при очи, да ги направат слепи, се вели во реакцијата од владејачката партија на денешната прес-конференција на пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец.

„Впрочем, СДСМ и Локвенец губат допир со реалноста и држат партиски прес-конференции во затворени кругови по штабовите, а Груевски е на терен со граѓаните и само во еден ден промовираше проекти во вредност поголема од еден милион евра корисни за граѓаните на Прилеп и на Прилепско. Болната вистина за СДСМ е дека тие не само што не направија ништо корисно за прилепчани и за градот, туку и го уништија и она веќе постојното. Да не заборавиме дека оставија пустош со криминалната приватизација, со која граѓаните ги оставија на улица. „Ридтекс“, „Политекс“, „Билјана“, „Солидност“, „Партизанка“ се само дел од фабриките што се опустошени од СДСМ“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.