Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Професионалните војници ќе бидат вработени

ВМРО-ДПМНЕ: Професионалните војници ќе бидат вработени

Уште во ноември минатата година, Министерството за одбрана одржа неколку состаноци со МВР на кои беше разговарано за можноста за вработување на професионалните војници во граничната полиција, за што начелно Министерството за одбрана доби согласност од МВР. Во февруари годинава, спротивно на сите претходни договарања и ветувања, МВР раководено од технички назначениот министер Оливер Спасовски се премисли и реши дека не сака да ги вработи кај себе професионалните војници – се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, по повод изјавата на претседателот на комисијата за одбрана на СДСМ, Максим Димитриевски, дека Владата ги излажала професионалните војници кои штрајкуваа со глад, дека ќе бидат вработени.

Од владејачката партија велат дека Владата пронашла начин и по завршување на процедурите кои се веќе во тек, за само неколку недели овие војници ќе бидат вработени.

– СДСМ беше против подобрување на квалитетот и на нивото на одбраната. На седницата на парламентот на која беа нужни гласовите на опозицијата за да се изгласа намалување на данокот за армијата, СДСМ одлучи уште еднаш да се води од сопствените комплекси и да демонстрира некаква политичка моќ, ставајќи се себеси повторно пред интересот на Македонија. Во Собранието, СДСМ одлучи и да не го даде својот глас за тоа професионалните војници да имаат повластена стапка на данок при купување станбен простор – се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.