Македонија ВМРО-ДПМНЕ поднесе закон за амнестија за осудените за упадот во Собранието на...

ВМРО-ДПМНЕ поднесе закон за амнестија за осудените за упадот во Собранието на 27 април

Фото: Мета.мк

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на РСМ денеска поднесе предлог-закон, инициран од адвокатите Јанаки Митровски и Драган Пешевски, за целосна амнестија на лицата осудени за упадот во Собранието што се случи на 27 април 2017 година.

„Овој предлог е само продолжение на претходниот закон за амнестија, кој е донесен во декември 2018 година, но со една голема и суштинска исправка, а тоа е надминување на селективноста и селективната правда што произлегуваше од законот донесен во 2018 година“, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Пратеничката група, очекува законот да го поддржат и колегите од владејачкото мнозинство.

„Се надеваме и повикуваме дека мнозинството ќе го прифати и поддржи и ќе гласа за овој предлог на Закон, бидејќи, доколку во спротивно не го стори тоа, ќе покаже и докаже дека за нив селективноста е на прво место, а владеењето на правото и правдата во Македонија ги нема никаде“, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Од оваа партија ја поддржаа иницијативата на двајцата адвокати, кои бараа целосна амнестија за лицата осудени на затворски казни до 10 години и намалување на казните за оние кои добија повисоки затворски казни.

За владеачката СДСМ ослободувањето на осудените за упадот во собранието е неприфатливо. Во предлогот препознаваат лицемерие, бидејќи, како што велат, ВМРО-ДПМНЕ сега поддржува насилници, ама немала слух да гласа за економска помош на граѓаните и компаниите.

На 27 април 2017 година, маскирани учесници во протестите организирани од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои бараа отфрлање на т.н. „Тиранска платформа“ и одржување нови парламентарни избори, насилно упаднаа во Собранието и физички нападнаа пратеници и новинари.

На почетокот на јули 2021 година, тогашната обвинителка Вилма Русковска во завршните зборови на судскиот процес рече дека обвинетите лица направиле план за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, со цел да спречат мирно примопредавање на власта, што пак довело до нападот на Собранието на 27 април 2017 година.