Македонија ВМРО-ДПМНЕ побара локални избори најрано на 2 јули

ВМРО-ДПМНЕ побара локални избори најрано на 2 јули

Одржување на локални избори во најкус можен рок, за да се деблокираат општините, побара ВМРО-ДПМНЕ денеска. Како што рече на прес-конференција пратеникот и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, партијата бара парламентарното мнозинство да создаде услови за распишување избори, а во меѓувреме да го овозможи работењето на советите на општините и на градоначалниците.

Милошоски предложи три можни датуми, од кои првиот е 2 јули, а другите два се во септември и во октомври.

– Ние, како партија, сметаме дека граѓаните треба час поскоро да добијат можност да ја изберат новата локална власт и предлагаме локалните избори да се одржат во најкус можен рок, во согласност со законски предвидените рокови, односно првиот термин кој сметаме дека е соодветен за одржување на брзи локални избори во интерес на граѓаните и на општините би бил 2 јули. Според нас, овој датум е најдобар за граѓаните и со одржување на брзи локални избори сите ќе може сериозно да се фатат за работа и да почнат да испорачуваат резултати на локално ниво – рече Милошоски.

Доколку парламентарното мнозинство, додаде тој, не е подготвено за брзи локални избори во јули, вториот термин што е прифатлив е средината на септември, односно одржување на локални избори на 17 или 24 септември. Третиот термин за кој ВМРО-ДПМНЕ смета дека е соодветен е локалните избори да се одржат на 15 октомври.

Тој порача дека секој подалечен рок би донел многу последици за работењето на општинските власти и до загрозување на интересите на граѓаните.

– Секој обид неразумно да се одолжуваат локалните избори и да се блокира мандатот на општините, а со тоа и да се загрозат интересите на граѓаните, би се толкувал како обид за бегање од избори, односно бегање од соочување со народот. ВМРО-ДПМНЕ и нашата пратеничка група ќе го поддржи секој предлог за кој ќе се одлучи парламентарното мнозинство. Се надеваме дека тоа ќе биде што поскоро, дека ќе се спроведат брзи и ефикасни локални избори, за да може локалната самоуправа како уставно право на граѓаните да не трпи голема штета – рече членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.