Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Пет отсто од собранискиот состав е во притвор

ВМРО-ДПМНЕ: Пет отсто од собранискиот состав е во притвор

Постапките кои што се спроведуваат против бранителите на Уставот се незаконски и правно неосновани, притворените лица од 27 април се жртва на политички прогон, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„Република Македонија не е демократска држава. Во Македонија во моментов пет отсто од целокупниот собраниски состав, односно 12 проценти од опозицијата е во притвор. Тие пратеници се под директна закана со измислено обвинение за тероризам. Ова е обид да се замолкне секаква критичка мисла и со страв да се блокира контролната функција на законодавната власт“, се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ потстетуваат дека и „Народниот правобранител реагираше на полициската бруталност и непочитување на законите при притворање на бранителите на Уставот.“

„Основното јавно обвинителство и судот молчат за овој срам. Судот треба да биде гарант на законитоста во постапките и е должен да се издигне над притисокот. На Македонија и е потребно владеење на правото и општествено помирување, а не генеза на омраза преку злоупотреба на институциите“, се додава во соопштението.