Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за блокада на референдумите за мигрантите е скандалозна

ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за блокада на референдумите за мигрантите е скандалозна

Државниот инспекторат за локална самоуправа донесе крајно недемократска и скандалозна одлука со која се спречува одржување на референдуми и со тоа ја попречува демократијата во државата, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Државниот инспекторат за локална самоуправа е институција под контрола на Зоран Заев која очигледно по диктат мора да го блокира и оневозможува одржувањето на локалните референдуми за градењето на мигрантски населби и кампови кои ги планира владата согласно акцискиот план и стратегијата која ја донесоа. Референдумот е граѓанско и пред се уставно загарантирано право кое гледаме дека Заев од петни жили се обидува да го оспори“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија велат дека одржувањето на референдумите во неколку општини во ист ден со локалните избори е „единственото логично и рационално решение, бидејќи на тој начин се намалуваат трошоците за одржување и нема ништо спорно во таа одлука на општинските совети“.

„Уставниот суд мора веднаш да го отфрли ова решение на државниот инспекторат. Никој не смее да им забранува на граѓаните да се произнесат за ова крупно општествено прашање во ист трошок со локалните избори“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.