Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Нервоза во СДСМ бидејќи ЕПП и понатаму ги поддржува сестринските партии

ВМРО-ДПМНЕ: Нервоза во СДСМ бидејќи ЕПП и понатаму ги поддржува сестринските партии

Најновото обраќање до јавноста на СДСМ во врска со пораките од ЕПП и од германскиот Бундестаг, ВМРО-ДПМНЕ го нарече нервозна реакција поради успесите што оваа партија ги постигнала на конгресот на Европската народна партија и „ги запознала функционерите со криминалите на раководството на СДСМ“.
„Цела Европа е свесна за неодамна објавениот податок дека општина Струмица е најкорумпираната општина во Европа, а нејзин градоначалник е Зоран Заев. Заев стана синоним за криминал, корупција и за рекет во европски рамки“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата вели дека Груевски на конгресот во Малта се сретнал со голем број функционери на ЕУ и на нејзините земји членки, при што, според ВМРО-ДПМНЕ, „беше акцентирано дека не смее да се дозволи со парите на Сорос да се ризикува стабилноста во целиот регион, како што тоа сега се случува во Македонија“.

„Ете, затоа е стравот во СДСМ и потребата да лажат и нервозно да манипулираат. Европа на овој самит на ЕПП ќе има можност да се запознае со целата антидржавна политика на СДСМ и со криминалот партиското раководство предводено од аболираниот Зоран Заев“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.