Економија ВМРО-ДПМНЕ: Наумов и СДСМ се обидуваат да создадат паника

ВМРО-ДПМНЕ: Наумов и СДСМ се обидуваат да создадат паника

Дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов, и СДСМ бесрамно се обидуваат да ја манипулираат јавноста изнесувајќи невистинити факти за зголемување на каматната стапка на тримесечните државни хартии од вредност, стои во реакцијата ВМРО-ДПМНЕ по повод изјавата на Наумов за каматните стапки.

„Целта повторно е да ги лажат граѓаните и да создадат незадоволство и паника. Каматната стапка на тримесечните државни хартии од вредност со девизна клаузула е намалена во проспектот кој денеска е објавен. Така, ако на последната аукција, на која беа издадени тримесечни ДХВ со девизна клаузула, во март 2013 година каматната стапка беше 3,60 проценти, сега е 1,50 проценти. Според ова, сосема е јасно кој сака да долева масло во огнот и кој сака да создаде вештачка криза“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија наведуваат дека Наумов и СДСМ постојано се обидуваат да создадат паника, но оти во тоа нема да успеат.

„Македонија во моментов е меѓу петте најмалку задолжени земји во Европа, а вчера излезе и пролетната прогноза на ЕК, според која, Македонија во 2016 и во 2017 година ќе забележи економски пораст од 3,5 проценти и заедно со Ирска, Романија, Малта и со Полска, ќе го има најдобриот резултат во ЕУ, каде просекот е поставен на 1,8 проценти. Но, ова нема да го слушнете од СДСМ. Тие се способни само да создадат криза со која ја уназадуваат Македонија“, стои во реакцијата и се додава дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ континуирано работи за тоа да не се случи.