Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Наместо реформи, СДСМ спроведува „хистерични хајки“ против нас

ВМРО-ДПМНЕ: Наместо реформи, СДСМ спроведува „хистерични хајки“ против нас

Наместо СДСM да спроведува реформи кои долго време ги најавуваше, од партијата организираат хистерични хајки против ВМРО-ДПМНЕ сè за да се елиминира „единствената политичка партија која деноноќно работи за националното единство и на просперитетот на сите граѓани во државата“, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

„Додека народот чека субвенции, просечна плата од 30.000 денари како што ветуваа, тие смислуваат црни сценарија за ВМРО-ДПМНЕ, сè за народот да заборави на лажните ветувања кои СДС ги расфрлаше во изминатиов период. СДС знае да управува само со лажни ветувања и со смислување црни сценарија“, стои во соопштението од опозициската партија.

Оттаму додаваат дека „налудничаво е СДС да говори за судскиот систем, но сосема очекувано е да бега од исполнување на економските ветувања“.

„Првата изјава на Зоран Заев затоа не е за зголемување на пензиите или на просечната плата до 30.000 денари. Првата изјава е за смена на јавниот обвинител кој го гони затоа што барал поткуп од едно евро за Вице. Сè поочигледно е дека Владата на аболираниот криминалец Зоран Заев и на СДС нема што да понуди на македонскиот народ освен лажни ветувања, деструкција и страв. Поради тоа оваа влада не е реформска туку антиреформска“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.