Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски не е тој што дава или зема функции, туку народот...

ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски не е тој што дава или зема функции, туку народот на избори

„ВМРО-ДПМНЕ има премногу јасни позиции и од тоа нема поместување. Несериозно е продолжувањето со лицитации, кое само покажува дека СДС ниту биле искрени, ниту пак имаат намера да ги заштитат националните интереси“, велат од опозициската партија

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

По денешниот владин брифинг што беше организиран за медиумите, од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека немаат намера да учествуваат во лицитациите на Ковачевски, Османи и Груби, додавајќи дека нивните позиции се јасни и дека од тоа нема поместување.

„ВМРО-ДПМНЕ има премногу јасни позиции и од тоа нема поместување. Несериозно е продолжувањето со лицитации, кое само покажува дека СДС ниту биле искрени, ниту пак имаат намера да ги заштитат националните интереси, ниту пак вистинска интеграција. За нив ова е борба за функции и за преживување и одбегнување на кривично гонење. Ковачевски треба да знае дека функциите ниту му се во џеб, ниту тој е тој која дава или зема, тоа го прави само народот на избори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки пак денеска побара од македонскиот премиер да одговори кој предлог од ВМРО-ДПМНЕ го избира. 

Според нив, првиот предлог е преодна влада без ДУИ и уставни измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ. Вториот нивен предлог е избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур и измени од влада без ДУИ поддржана од опозицијата. 

„Ако СДС не ги прифати двете понуди од ВМРО-ДПМНЕ значи дека има скриени намери да преговара на сметка на идентитетот и ќе прифати нешто во тек на преговорите кое ќе го доуништи македонскиот идентитет. СДС сега треба да ги покаже своите вистински намери“, вели Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.