Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Избирачкиот список е доказ за лагите на СДСМ за 500.000 фантомски...

ВМРО-ДПМНЕ: Избирачкиот список е доказ за лагите на СДСМ за 500.000 фантомски гласачи

Заклучувањето на Избирачкиот список со вкупниот број гласачи за предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември, покажа дека СДСМ цели две години ја лажеше и ја манипулираше македонската јавност дека имало половина милион фантомски гласачи, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Измислените половина милион фантоми беа главниот аргумент на СДСМ да ја оспорува волјата на народот од изборите во 2014 година и да ја турне Република Македонија во најголемата политичка криза. Новиот избирачки список има 5.000 повеќе гласачи од избирачкиот список во 2014 година. Составот на ДИК, во кој мнозинство има токму СДСМ, потврди дека избирачкиот список сега брои 1.784.524 избирачи за разлика од списокот во 2014 година, кој броеше 1.779.500 избирачи. Единствената забелешка што СДСМ ја достави до ДИК беше листа со 38 имиња на граѓани кои починале, а кои веќе биле избришани од избирачкиот список“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека СДСМ го подметнала сценариото со избирачкиот список за да иницира криза која потоа би отворила простор „за реализирање на големиот план на Зоран Заев, кој подразбира воведување на двојазичност, кантонизација и промена на Уставот“.