Македонија ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните на марш пред Министерство за правда

ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните на марш пред Министерство за правда

ВМРО-ДПМНЕ испрати повик до граѓаните да се приклучат на маршот за, како што велат од партијата, „правдината и татковината“, кој ќе се одржи денеска пред Министерство за правда, во 16.30 часот.

„ВМРО-ДПМНЕ го организира овој марш, но ова не е само партиски собир, ова е собир на кој може и на кој треба да се приклучи секој патриот, секој граѓанин, без разлика на нација, вера и на припадност, секој човек кој ги осудува реваншизмот, политичкиот прогон и неправдата. Нашиот народ е како пиреј, корни го, ништи го, тој пак ќе никне и ќе се исправи. Затоа биди пиреј“, се вели во повикот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се вели дека граѓаните треба да се спротивстават на „грубиот обид за фалсификување на историјата, на тие што сакаат љубовта кон татковината да ја претстават како нешто погрешно“.

„Да покажеме солидарност, почит и симпатија кон браќата и сестрите кои се жртви на неправдата, на кои им се ускратува правдината и кои се во притвори и затвори само поради својата идеја и љубов за Македонија“, се додава во повикот.