Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Додека СДСМ не работеше, ние носевме закони во интерес на граѓаните

ВМРО-ДПМНЕ: Додека СДСМ не работеше, ние носевме закони во интерес на граѓаните

„Додека Димова и нејзините колеги од СДСМ не работеа, во тој период пратениците на ВМРО-ДПМНЕ остварија повеќе од 20.000 директни средби со граѓаните“, се вели во реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на пратеничката на СДСМ, Лидија Димова.

„Собранието фунционираше со целиот свој уставен капацитет и без присуството на СДСМ, а ќе продолжи да функционира со истиот капацитет и сега кога СДСМ одлучи да се врати. Единствена разлика е што сега, барем се надеваме, пратениците од СДСМ ќе почнат да си ги заработуваат своите плати. Во минатите 15 месеци донесени се голем број законските решенија кои беа во директен интерес на граѓаните и на многу засегнати групи“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејчката партија наведуваат дека во Собранието биле организирани десетина јавни расправи, а само на последната, која била организирана минатата недела, учествувале повеќе од 40 невладини организации и граѓански здруженија.

„За Лидија Димова очигледно невладини организации се само оние десетина соросови инсталации кои земаат милиони евра годишно да водат партиска агенда на СДСМ. Впрочем, и самата Димова беше дел од овие инсталации и земаше дебели хонорари, за потоа преку ноќ да се регрутира во партиските органи на СДСМ“, се вели во соопштението.