Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Бледи се манипулациите на СДСМ наспроти фактите

ВМРО-ДПМНЕ: Бледи се манипулациите на СДСМ наспроти фактите

ВМРО-ДПМНЕ попладнево реагираше на денешната прес-конференција на Петар Атанасов, кој рече дека учениците од Македонија покажале меѓу најслабите резултати според светски релевантната организација ПИСА, на тестирањето по наука, математика и читање со разбирање, како и дека според ОЕЦД и Светската банка, повеќе од 2/3 од учениците на возраст од 15 години се функционално неписмени.

„СДС се обидува со апсурдни и манипулативни прес конференции да ја дефокусира јавноста од прашањето кое ја интересира јавноста, што се има СДС прифатено од Тиранската Платформа. Впрочем СДС сега говори за образование, а на големо подготвува редефинирање на државата од мултиетничка во бинационална. СДС и по три прес конференции на ден не може да го сокрие револтот кај народот кој станува се поголем и поголем. Во тоа нема да им помогнат ниту бледите манипулации кои ги кажуваат за образовниот систем во Македонија. Фактите говорат нешто сосема друго. Буџетот за образование е зголемен за повеќе од 86%. Изградени се 74 нови училишни објекти, а повеќе од 400 се реконструирани. СДС не изгради ниту едно ново училиште. Изградени се 99 спортски сали, наспроти 0 изградените на СДС. Отворени се 3 нови државни универзитети со кои им се даде можност на сите заинтересирани граѓани, независно од финансиските можности да се запишат на факултет и со личен труд и посветеност да стекнат факултетска диплома. Во времето на СДС факултетите беа достапни само за децата на оние кои се офајдија од криминалната приватизација“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.