Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Барањата од СЈО за притвори и одземање пасоши се политичка пресметка

ВМРО-ДПМНЕ: Барањата од СЈО за притвори и одземање пасоши се политичка пресметка

Преку две прес-конференции денеска ВМРО-ДПМНЕ ги оквалификува барањата за притвор од страна на СЈО за раководството на ВМРО-ДПМНЕ се груб политички обид за притисок врз Апелациониот суд за тој да не ги поништи одлуките за одземање на патните исправи донесени во првостепена постапка.

– Одлуките за одземање на патните исправи на дел од раководството на партијата се донесени под притисок. Тоа јасно се гледа по образложенијата, каде нема ниту еден аргумент за одземањето. Токму и првичното барање за притвор е одбиено бидејќи не постои опасност од бегство, односно судот увидел дека се апсурдни, неосновани и политички сомневањата на СЈО. Барањата за мерките на претпазливост и обезбедување присуство од страна на СЈО во однос на раководството на ВМРО-ДПМНЕ се без никаква правна основа, имаат за цел создавање материјал за медиумите на СДС кои треба да го претстават ВМРО-ДПМНЕ во негативно светло кај граѓаните во пресрет на претстојните локални избори – рече Орце Ѓорѓиевски на прес-конференција пред Апелацискиот суд.

На прес-конференција пред СЈО, Мартин Костовски обвини дека СЈО е алатка за политички прогон во рацете на СДСМ против ВМРО-ДПМНЕ и неговите функционери.

– „Таргет“ и „Тврдина“ се едни од случаите преку кои СЈО имаше за цел, целосно да ја изврти вистината и да ги манипулираа граѓаните. СЈО преку овие политички монтирани случаи, сакаше да претстави пред јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ од позиција на власт сама себе се прислушувала, што е крајно апсурдно и неточно тврдење. Преку случајот „Тврдина“ СЈО ја лажеше јавноста за наводна милионска штета која била направена при уништување на стара опрема за прислушкување, што е целосна лага и безобразна манипулација. Имено, уништувањето на старата опрема за прислушкување не нанесе никаква штета врз буџетот на државата, бидејќи истата беше неупотреблива, со нула денари пазарна вредност. Уништувањето на опремата е направено со целосно испочитувани законски процедури – рече Костовски и обвини дека „со своето однесување СЈО се стави на листата политички инквизитори на 21 век, и ќе биде запишано во темните страници на правосудната наука“.