Македонија ВМРО-ДПМНЕ бара СДСМ да си ги преиспита реториката и однесувањето

ВМРО-ДПМНЕ бара СДСМ да си ги преиспита реториката и однесувањето

Владејачката партија реагира на соопштението на СДСМ во кое опозицијата обвинува дека на ВМРО-ДПМНЕ не му одговара да оди на избори со прочистен избирачи список и со слободни медиуми.

„СДСМ се бори единствено за унапредување на сопругот на Ременски и за подолго останување во фотелјите на технички назначените министри и нивни заменици. СДСМ не се бори за излез од кризата и за просперитетна иднина на државата, затоа бега од соочување со граѓаните. СДСМ знае дека по 24 април неговите министри ќе мора да си ги спакуваат куферите и заедно со „фабриката за афери“ да заминат на политичкото буниште. Еврокомесарот Хан јасно порача дека тука се ЕУ, ОБСЕ и ОДИХР да гарантираат фер и демократски избори. Еврокомесарот Хан јасно порача дека бил уверен од ДИК дека може навреме да бидат завршени сите обврски, вклучувајќи го и прочистувањето на избирачкиот список. Сите се свесни дека постојат услови за фер и демократски избори на 24 април. Свесен е и СДСМ. Затоа во ноември беше изгласан овој термин во Изборниот законик“, пишува во реакцијата на владејачката партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека проблемот во СДСМ е што врвот на партијата е свесен дека 24 април е крајот на нивните политички кариери.

„СДСМ ја држи државата предолго во заложништво, а народот очекува сериозност и зрелост, очекува да одиме напред, а не расправии на лична основа и вакви неодговорни потези и реторика“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија апелираат СДСМ да ги преиспита реториката и однесувањето заради доброто на државата.

На ова од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ со панични соопштенија не може да го сокрие стравот на Никола Груевски од слободни, фер и демократски избори.

„Никаде во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ не стои зошто не ги исполнија клучните обврски од Договорот од Пржино, зошто не е  прочистен избирачкиот список, зошто не е спроведена регулација на медиумите, а не функционира ниту Анкетната комисија за незаконското прислушување. Денеска и Државната изборна комисија потврди дека не е прочистен избирачкиот список и дека за тоа се потребни најмалку три-четири месеци. На Македонија ѝ се неопходни промени, а промените ќе се случат на следните слободни, фер и чисти избори, кога демократијата ќе триумфира над криминалниот систем на вредности на фамилијата“, пишува во реакцијата на СДСМ.