Македонија Апелациja го прекрши законот и донесе скандалозна одлука, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Апелациja го прекрши законот и донесе скандалозна одлука, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Скопскиот Апелациски суд го укина решението на Основниот суд во Скопје, со кое беше одлучено нелегално прислушкуваните разговори да не бидат доказ во кривична постапка, а со тоа направи класично прекршување на законот и донесе скандалозна одлука спротивно на правото и спротивно на која било логика и рационално размислување.

Ова денеска на прес-конференција го изјави членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски.

– Со вчерашната целосно нездраворазумска одлука, судот најдиректно го прекрши законот за кривична постапка, кој во член 12, став 2 вели максимално јасно и прецизно дека доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и на правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука – изјави Илиоски.

Тој додаде дека со ваквата скандалозна одлука на Апелацискиот суд, директно се врши ерозија на правото и на правниот систем во Македонија, додека судството во очите на граѓаните сè повеќе наликува на куклен театар.