Македонија Владата темелно ќе го проучува извештајот на ЕК

Владата темелно ќе го проучува извештајот на ЕК

Владата со внимание се „осврнала“ на извештајот на Европската комисија, што го изработи група експерти под водство на Ренјхард Прибе, потврди владниот портпарол, Александар Ѓорѓиев, додавајќи дека „препораките од комисијата ќе бидат темелно проучени“ и искористени во реформите потребни за европските интеграции.

– Со внимание се осврнавме на извештајот. Препораките на комисијата ќе бидат темелно проучени и, секако, искористени во рамките на реформите што континуирано ги спроведуваме за примена на европските стандарди и за приближувања кон Европскатa унија. Ќе го искористиме овој период за унапредување во сите области кои се дел од преговорите за членство во ЕУ. Извештаите и дискусиите на Советот на ЕУ се можност за поинтензивен дијалог. Тоа е и дополнителна мобилизација за администрацијата, која работи на реформите. Ќе се потрудиме да ги запознаеме најдобро што е можно Европската комисија и нејзините експерти со состојбите, предизвиците и со напредокот што ги очекуваме во следниот период до есенскиот извештај за напредок. Целта останува: внатрешни унапредувања на стандардите и, конечно, формален почеток на преговорите за членство на Република Македонија со Европската унијa кои веќе неформално ги водиме – изјави Ѓорѓиев.

Експертскиот извештај, според очекувањата, треба да се најде на дневниот ред на денешната владина седница.

Инаку, во извештајот на Европската комисија се нотирани сериозни недостатоци во пет области, односно следење на комуникациите, судство и обвинителство, надворешниот надзор од независни тела, избори и медиуми.

Во него, меѓу другото, е наведено дека снимките од прислушуваните разговори, кои опозицијата со месеци ги објавуваше, се направени од националната разузнавачка служба, а нивната содржина упатува на незаконски активности и на злоупотреба на моќта од високи владини службеници.