Македонија Владата со Протокол: Настаните да траат до половина час, половина од времето...

Владата со Протокол: Настаните да траат до половина час, половина од времето да е за новинарски прашања

Фото: Архива на Мета.мк

Заради одржување на непречена работа на медумските работници и другите присутни на јавни настани, Владата на денешната седница донесе посебен Протокол за одржување настани со медиумско присуство. Тој содржи два дела, општи генерални насоки за сите јавни настани, и посебен дел кој се однесува на настани кои се во организација на владини институции.

Според општите генерални насоки, меѓу другото, ако настанот се одвива на отворен простор, сите присутни задолжително и постојано треба да носат заштитни маски, да се обезбедат два засебни микрофона, едниот за говорникот, а вториот за медиумските работници кои поставуваат прашања и тие да се дезинфицираат пред и после завршувањето на настанот и при промена на говорник. Доколку не постојат технички услови за озвучување, микрофоните на новинарите да се постават на едно место (постолје, говорница, раздвоени физички од медиумските работници). Доколку настанот е теренски, се запазуваат основните мерки за заштита и растојание од најмалку два метри, а со цел да се обезбеди растојание и да се попречи групирање, секогаш кога тоа е возможно, се обезбедуваат столчиња за новинарите, за поефективно да се одржува соодветното растојание.

Доколку временските и просторни услови не дозволуваат настани со медиумско присуство на отворен простор, истите да се одржуваат преку дигитални алатки за вклучување во живо. Препораката е настаните во затворен простор да не траат подолго од триесет минути, при што, ако настанот предвидува новинарски прашања, најмалку половина од времето да биде предвидено за нив.

За посебниот дел кој се однесува на настани кои се во организација на владини институции, на снимателите и фоторепортерите им се препорачува да преземат видео-материјал и фотографии од организаторот на настанот, а со цел да се намали бројот на присутни и да се заштитат присутните од групирање.

На новинарите и на снимателите им се овозможуваат опции и да ги постават прашањата преку портпарол или лице задолжено за односи со јавност и по електронски пат, за да добијат одговор на писмено од официјална мејл адреса. Одговорот треба да се испрати во најбрз можен рок после завршување на настанот, во текот на истиот ден, или најмногу за три дена ако е потребно да се прибираат информации од повеќе институции.

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.