Македонија Владата прифати: Нема повеќе маски на отворено, дозволени се свадби и публика...

Владата прифати: Нема повеќе маски на отворено, дозволени се свадби и публика на спортски натпревари

Фото: Влада

Владата на 75. седница ги прифати измените и дополнувањата на рестриктивните мерки согласно препораките на Комисијата за заразни болести, утврдени како предлози на 39. седница на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на ковид-19.

Почнувајќи од денеска, 1 јуни, утврдени се следните измени и дополнувања:

– Се укинува носењето заштитна маска на отворено и се препорачува да се носи кога лицата се во поголема група. Останува задолжителното носење заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори;
– Се дозволува присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено до 30 oтсто од вкупниот капацитет на посетители;
– Се укинува забраната за групирање на јавен простор;
– Се дозволува организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор (летни тераси) до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 отсто од капацитетот на просторот и до максимум 6 лица на маса;
– Се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од 4 лица на 6 лица со обезбедување дистанца помеѓу лицата на масата;
– Се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина; и
– Продолжува да важи забраната за движење од 24 до 04 часот до 15 јуни.

На оваа седница Владата го донесе Протоколот за организирање свадби/прослави и веселби.