Македонија Владата побарала поголем ангажман од институциите за справување со пожарите

Владата побарала поголем ангажман од институциите за справување со пожарите

Владата на Реублика Македонија синоќа на 18. седница расправала за повеќе точки, меѓу кои и ситуацијата со пожарот во Требовље, како и за проблемот со струшката депонија, соопшти владината служба за информирање.

Како итна вонредна точка на дневниот ред на седницата, со која претседавал премиерот Зоран Заев, се нашла информацијата за пожарот во Требовље, во општина Македонски Брод, како и за други опожарени локации во земјава.

Притоа, бил задолжен Управувачкиот комитет за координација и управување на системот за управување со кризи, составен од неколку министри и Агрон Буџаку, претседателот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), како и од претставници на АРМ, претставник од кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов и претставник од ЈП „Македонски шуми“ и од УХМР, да донесат итни заклучоци и мерки за засилено дејствување.

Донесена е одлука МВР да го зголеми присуството на терен во сите засегнати подрачја, ЈП „Македонски шуми“ непрекинато да ја информира Дирекцијата за заштита и спасување за сите новонастанати состојби на терен и да продолжи континуирано гасење и локализација на активните пожари, како и да се создадат услови за дејствување на АРМ.

За привремено решавање на проблемот со депонијата во Струга, донесена е одлука со 12 милиони денари (195.000 евра) од буџетските резерви да се компресира сметот од депонијата во Струга и да се пренесе на друга локација.