Македонија Владата отвори канал на „Вибер“, за точно информирање за корона вирусот

Владата отвори канал на „Вибер“, за точно информирање за корона вирусот

Владата отвори нов информациски канал на „Вибер“, за точно и навремено информирање на граѓаните со официјални и проверени информации поврзани со справувањето со корона вирусот, информираат од таму.

„Првиот владин комуникациски канал на „Вибер“ (Viber Community) може да се најде под името „Коронавирус МК Koronavirus“, исто како и останатите комуникациски алатки кои Владата интервентно ги отвори со цел интензивирање на комуникацијата со граѓаните за полесно справување со коронавирусот. Во тој пакет е и официјалната веб-страна koronavirus.gov.mk, мобилната апликација за „Андроид“ и „ИОС“, како и наменските профили на социјалните медиуми „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Твитер“,“ се вели во соопштението од Влада.

Целта на новиот канал за комуникација на „Вибер“, како што информираат, е брзо, целосно и точно информирање на граѓаните за сите мерки за справување со корона вирусот од институциите, најнови информации од Министерството за здравство, како и помош на сите граѓани на кои им е потребна точна информација поврзана со ситуацијата.

„Ги повикуваме сите граѓани да се приклучат на „Коронавирус МК Koronavirus“ „Вибер“ заедницата, за добивање точни, официјални и брзи информации поврзани со Ковид-19 на својот мобилен телефон,“ се додава во соопштението.