Македонија Владата не пресече за рудникот Иловица, месното население најавува интензивирање на протестите

Владата не пресече за рудникот Иловица, месното население најавува интензивирање на протестите

Денешниот протест против рудникот Иловица помина во знакот на исчекување на одлука на Владата

Владата на денешната 141. седница донесе одлука да го задолжи Министерството за економија „да ја испита правната исполнетост на барањето за добивање дозвола за  експлоатација на минерална суровина – бакар и злато“, на „“Еуромакс Рисорсис“ на локалитетот „Иловица“, општина Босилово и општина Ново Село, и доколку не се исполнети правно-формалните аспекти да го одбие барањето на концесионерот.

Ова е епилогот на најавуваната расправа во владата за случајот со рудникот Иловица, против чие отворање и денес, деветти ден протестира локалното население на струмичките села Штука и Иловица.

Раскинувањето на концесискиот договор со „Еуромакс“ е главното барање на месното население и на еко-активистите од струмичкиот крај, кои повеќе од една недела го блокираат приодот кон локацијата на идниот рудник на екипите на концесионерот како и на археолозите на струмичкиот Завод за заштита на споменици, кои започнаа со археолошки ископувања на неколку локации. Блокадите на работата на археолозите, учесниците на протестите ги образложуваат со стравувањата дека токму археолошките ископувања се знак дека претстои скорешно отворање на рудникот.

– Не очекувавме ваква одлука на владата – вели Ѓорги Танушев од еко-здружението „Здрава котлина“.

Тој потсетува дека минатата година на 63. седница на владата, имаше сличен заклучок во кој на Министерство за економија му се дава 7 дена да изготви информација за исполнетост на услови за раскинување на концесија за експлоатација и од тогаш наваму ништо не се случи.

– Затоа продолжуваме со блокадите и вечерва ќе разговараме за проширување на активностите што би значело и поголеми блокади на регионално ниво како и протести во Скопје. Будни сме и се координираме со сите релевантни групи. Блокадите продолжуваат и ќе се интезивираат по обем и содржина. Нема мирно да чекаме. Нема да дозволиме на мала врата да се протнат рудници и брани во носење на урбанистички планови од посебно значење за државата без јавна расправа како што е предвидено во предлог измените на законот за урбанистичко планирање – вели Танушев.