Македонија Владата ќе расправа за Денот на дрвото и за субвенции за соларни...

Владата ќе расправа за Денот на дрвото и за субвенции за соларни колектори

Владата на Република Македонија на својата 36. седница денеска ќе разгледува повеќе точки, меѓу кои и доделување концесии за геолошки испитувања заради суровини, како и предлог за Ден на дрвото и информација за измена на програмата за субвенционирање соларни колектори и замена на прозорците.

Ќе се расправа и за ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“ Скопје, a на иницијатива на „Македонски шуми“, ќе биде разгледана информацијата за спроведување на пошумувањето на површините предвидени за акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ за есенскиот дел во 2017 година.

Управата за извршување санкции на денешната седница ќе ја презентира информацијата за напредокот на проектот за реконструкција на казнено-поправните установи во Република Македонија, како и информацијата за изградба на притворско одделение со придружни објекти и судница во Казнено-поправната установа „Идризово“.

Министерството за животна средина и просторно планирање на седницата ќе ја презентира информацијата за напредокот во спроведување на ЕУ-ИПА проектот „Изградба на пречистителна станица за отпадни води Прилеп“.