Македонија Владата го раскина договорот со „Летница – Белвица“ за концесија за Охридското...

Владата го раскина договорот со „Летница – Белвица“ за концесија за Охридското езеро

Македонската влада донесе одлука за раскинување на договорот за концесија за Охридското езеро со концесионерот „Летница – Белвица“. Причината за оваа одлука е поради утврдените нерегуларности од страна на надлежните институции во работата на сегашниот концесионер, информираат од владината прес – служба.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски денес во Охрид изјави дека по низата реакции од медиумите, граѓаните и рибарите, МЗШВ во декември минатата година, веднаш побарало од Државниот инспекторат за земјоделство и од Агенцијата за храна и ветеринарство да направат вонредни инспекциски контроли. Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Зоран Шапуриќ посочи дека веднаш се постапило и спровеле сите контролите на терен, со цел да се утврди дали концесионерот го почитува договорот за концесија.

Димковски потенцираше дека во записникот од ДИЗ е констатирано дека концесионерот не вршел навремена и целосна физичка заштита на рибите од риболовното подрачје Охридско езеро, што е спротивно на Договорот за концесија.

– Во записникот се констатирани нерегуларности и во делот на пријавувањето на вработените и постапките за вработувања, коишто концесионерот ги спроведувал спротивно на Законот за рибарство и аквакултура. Концесионерот не водел точна, навремена и целосна евиденција на уловената риба согласно законските одредби, што исто така е спротивно на Договорот за концесија – изјави министерот Димковски.

Откако ќе заврши постапката за раскинување на концесијата, МЗШВ ќе објави нов јавен повик за доделување на концесија за Охридското езеро.