Македонија Владата ги укина маските на затворено, освен во јавниот превоз и здравствени...

Владата ги укина маските на затворено, освен во јавниот превоз и здравствени установи

Фото: Архива на Мета.мк

На денешната седница, Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести (КЗБ) утврдени од страна на Главниот координативен кризен штаб (ГККШ), односно го укина задолжителното носење на заштитни маски во затворен простор, со исклучок на здравствените установи, јавниот превоз, аптеките и домовите за возрасни лица и за лица со попреченост, соопшти владината служба за информирање.

Сепак, иако се укинува носењето маски во затворен простор, Владата повторно ја поддржа препораката на КЗБ, маски во затворен простор да носат лицата над 65 годишна возраст, хронично болните и лицата со намален имунитет.

Согласно препораките, исто така се укинува обврската за задолжителното носење на маски за време на физичката настава во средните училишта, како и забраната за организирање екскурзии и настава во природа.

Меѓу мерките што се укинуваат е и мерката за задолжителна изолација на лица што имале блиски контакти со случаи позитивни на ковид-19, за кои останува мерката за носење заштитна маска во затворен простор во период од 7 дена од последниот контакт со лица со потврден ковид-19.

Одлуките од денешната седница стапуваат на сила со денот на објавување во Службен весник.