Главна секција Владата допрва ќе решава колку ќе потроши за кампањата за референдумот

Владата допрва ќе решава колку ќе потроши за кампањата за референдумот

За три дена од денеска, министерствата и другите органи од државната управа ќе мора да му рапортираат на Министерството за финансии колку средства имаат на располагање за владината кампања за референдумот, но Владата ќе ја води кампањата транспарентно, рече владиниот портпарол Муамет Хоџа на прес-конференција. Тој вели дека за тоа ќе се користат и средства заштедени од репрезентација на министрите, а Владата ќе биде целосно транспарентна за потрошените пари.

– Не се разговараше за средства, бидејќи треба да се донесе програма и план за спроведување на кампањата за референдумот и потоа ќе се знае колку средства ќе се потрошат. Тоа се средства од другите ставки, тие не се предвидени за референдумот при подготовката на буџетите. На пример, средства заштедени од репрезентација на министрите. Владата ќе биде транспарентна и отчетна за сите средства што ќе бидат потрошени за кампањата  – рече Хоџа.

За информирање на граѓаните преку Фејсбук-страниците на Владата, односно за промовирање на постовите за придобивките од Договорот со Грција, досега се потрошени 100 евра, објасни владиниот портпарол.

На новинарско прашање за усогласеноста на оваа одлука за кампања според Венецискиот кодекс за подобри референдумски постапки од 2007 година, со која се вели дека употреба на јавни фондови од Влада во кампања мора да биде забрането, Хоџа рече дека ќе се земат предвид сите прописи, а потоа ги наведе одредбите на Законот за референдум.

Владиниот портпарол рече дека кампањата е важна оти референдумското прашање е важно за иднината на земјава.

– Со неа ќе ги информираме сите граѓани за договорот и за придобивките од Договорот. Оценуваме дека референдумското прашање е многу важно за иднината на Македонија и дека на овој начин отвораме пат за европска Македонија – рече Хоџа.