Главна секција Владата без прецизен одговор за најавениот разговор помеѓу Заев и Ципрас

Владата без прецизен одговор за најавениот разговор помеѓу Заев и Ципрас

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски денеска на прес-конференција во Владата не прецизираше до каде се преговорите и дали е можна средба или телефонски разговор на премиерите на Грција и Македонија до крајот на неделава.

Бошњаковски не сакаше да даде ниту коментар на „Фејсбук“ статусот на Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ кој напиша дека во четврток или петок ќе се случи средбата помеѓу Зоран Заев и Алексис Ципрас во Мала Преспа.

– Имаме официјална прес-конференција во Владата на РМ. Не си дозволувале да коментираме неофицијални информации без разлика од какви извори доаѓаат, сè додека немаат кредибилитет и легитимитет – рече Бошњаковски.

И на прашањето дали до крајот на неделата се очекува разговор или средба Заев-Ципрас, рече дека Владата останува на претходно кажаните ставови дека не навлегува во сферите на шпекулациите.

– Сметаме дека ова прашање е исклучително важно и тоа што претходно го најави премиерот останува како владин став и денеска – рече владиниот портпарол.

Премиерот Заев вчера изјави дека во прашање се денови кога ќе се случи телефонскиот разговор меѓу него и Ципрас и додаде дека во моментот сè уште се создаваат околностите тоа да се случи.

Македонскиот премиер не сакаше да шпекулира за прифатливите предлози околу името, ниту за тие содржани во пакетот на медијаторот Метју Нимиц. Процесот, според него е на самиот крај и изрази верување дека крајот ќе биде успешен.