Главна секција Влада: Исполнети се законските услови за одземање на концесијата на „Еуромакс“ за...

Влада: Исполнети се законските услови за одземање на концесијата на „Еуромакс“ за Иловица

Локацијата на која требаше да се гради рудникот во струмичко

Министерството за економија на денешната седница на владата информираше дека се исполнети законските услови за донесување на решение за одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот „Иловица“, општина Босилово на „Еуромакс рисорсис“, информираат од владата.

Во информацијата која што денеска пред Владата ја презентирало Министерството за економија, било утврдено дека компанијата не ги доставила сите потребни документи кои се бараат согласно Законот за минерални суровини за добивање на дозвола за експлоатација.

Од Владата информираа и дека по истекот на задолжителниот рок за жалба од 15 дена, Владата ќе може да донесе и конечна одлука за едностран раскин на Договорот за концесија со „Еуромакс рисорсис“

„Готово е, рудникот е сопрен“, објавија на своите фејсбук-профили активистите против рудникот за бакар и злато Иловица, кои 18 дена одржуваа блокади на влезот на планираниот рудник Иловица, попречувајќи го влезот на работниците на „Еуромакс рисорсис“ и на археолозите од Археолошкиот музеј од Струмица.

„Ја поздравуваме одлуката на Владата како единствена можна и правилна. Не се сомневам дека и по истекот на на 15 дена за жалба одлуката ќе биде потврдена. Ние сме тука. Нема никаква шанса некој некогаш да добие концесија за рудник на Огражден. Ова е исклучително важен момент за целото општество од повеќе аспекти, бидејќи се покажува дека народот може да победи. Моето срце е со жителите на Штука и Иеловица, со сите кои беа со нас на блокадата, и со сите кои во овие долги две ипол години ни дадоа поддршка. Честитки за за моите соборци, кои од почетокот беа инспирирани на победа“, изјави за „Мета“ еден од активистите потив рудникот Иловица, Крум Велков.