Македонија Вицепремиерот Адеми на средба со еврокомесарот Хан

Вицепремиерот Адеми на средба со еврокомесарот Хан

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Арбер Адеми, денеска се сретна со еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан.

На средбата, соговорниците разговарале за повеќе актуелни теми поврзани со европската интеграција на земјата, особено за политичката состојба, изборниот процес, поддршката од Европската Унија и за миграцијата.

Како што информираат од кабинетот на Адеми, тој го информирал Хан за реализацијата на обврските од договорот од 20 јули кои се услов за организирање на демократски и веродостојни избори.

Двајцата соговорници ја поздравиле и оцената на политичките лидери за исполнување на условите за спроведување на изборите во декември, како позитивен чекор кон разврска на долготрајната политичка криза во земјата.

Комесарот Хан ја истакнал и потребата од континуирана и соодветна политичка и институционална поддршка за работата на Специјалното јавно обвинителство.

Двајцата соговорници разговарале и за неопходноста интензивно да се работи на спроведување на реформските приоритети, со оглед на тоа што се однесуваат на области кои се клучни за владеењето на правото, особено делот на судството и јавната администрација, целосно спроведување на Охридскиот договор.