Македонија Вицепремиерот Бујар Османи вели дека делот „3“ од планот е исполнет 80...

Вицепремиерот Бујар Османи вели дека делот „3“ од планот е исполнет 80 отсто

Според вицепремиерот Бујар Османи, спроведувањето на делот „3“ од владиниот реформски план „3-6-9“ е стигнато до 80 проценти.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на чие чело е Османи, на 37. состанок на работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ), кој се одржал во Владата, заменикот-премиер задолжен за европски прашања истакнал дека „постои задоволителна исполнителност од повеќе од 80 отсто од предвидените мерки и активности“.

– Планот „3-6-9“ го крунисавме со одржување на фер, слободни и веродостојни избори, што беше една од главните цели на планот – вели Османи, додавајќи дека потврда за тоа се извештаите на сите релевантни институции што го следеа изборниот процес, меѓу кои секако е и ОБСЕ/ОДИХР.

На состанокот учествувале државните секретари на министерствата, претседавачите на поткомитетите, раководителите на работните групи, генералниот секретар на Владата, како и дел од администрацијата на Секретаријатот за европски прашања.

Османи ја презентирал содржината на новите делови, „6“ и „9“ од планот „3-6-9“ и предвидената динамика за нивно спроведување.