Македонија Високите цени на струјата седум пати ги зголемиле трошоците на компаниите, покажа...

Високите цени на струјата седум пати ги зголемиле трошоците на компаниите, покажа анкетата на ОРМ

Фото: Организација на работодавачи

Порастот на цените на енергијата и до седум пати ги зголемил трошоците на компаниите оваа есен, во споредба со претходната. Најголем предизвик за компаниите во моментов е цената на електричната енергија, а дури една третина размислуваат привремено да го прекинат производството или да го затворат бизнисот ако не се намали цената на струјата или доколку не добијат поддршка од владата. Ова го покажа анкетата што ја спроведе Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), со која беа опфатени 125 компании. Целта била да се оценат негативните ефекти од енергетската криза врз домашните компании кои се снабдуваат со електрична енергија на отворениот пазар.

„Досегашните владини мерки за поддршка за полесно пребродување на енергетска криза, за повеќе од половина од компаниите (55%), се недоволни или несоодветни.  Резултатите од анкетата покажуваат дека најпогодени од растот на цената на електричната енергија и другите енергенси се компаниите од преработувачка индустрија и трговијата, каде вкупните оперативни трошоци се зголемени и до 60 отсто“, наведено е во соопштението од ОРМ.

Речиси сите анкетирани компании преземаат сопствени мерки за намалување на негативните ефекти од енергетската криза, преку мерки за заштеда на струја, работа во смени и вложување во сопствено производство, но само една третина се изјасниле дека успеале да започнат или целосно да ја завршат процедурата за сопствено производство на електрична енергија од обновливи извори.

ОРМ предлага два пакет мерки – првиот за директна и индиректна поддршка на компаниите кои се снабдуваат од отворениот пазар на електрична енергија, а вториот за олеснување на инвестициите во обновливи извори на енергија.