Македонија Виолета Дума останува член на ДИК

Виолета Дума останува член на ДИК

Собранието на денешната седница не ја разреши Виолета Дума, член на ДИК од СДСМ, затоа што не се обезбеди мнозинство од 82 пратеника. За предлогот за нејзино разрешување гласаа 48 пратеници, 25 беа против, а 14, иако беа во салата, не гласаа.

Според пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои се повикуваат на Изборниот законик и на автентичното толкување на законот, Дума ги исполнува условите за старосна пензија и треба да биде разрешена од функцијата член на ДИК.

Според опозиционерите, ова е дискриминаторски чин кон Дума поради нејзината партиска припадност.

СДСМ смета дека наместо Дума, Собранието треба од ДИК да ја разреши Силвана Бонева, која нема пет години работен стаж како правник.

Од СДСМ велат дека вака се пролонгираат обврските од Договорот од Пржино. ВМРО-ДПМНЕ, пак, се сомнева дека СДСМ измислува причини за одложување на изборите.