Македонија Вилма Русковска повеќе не е јавен обвинител, советот едногласно ја разреши

Вилма Русковска повеќе не е јавен обвинител, советот едногласно ја разреши

Предлогот за разрешување на Русковска дојде откако ексдиректорот на Управата за финансиска полиција поднесе претставка до дисциплинската комисија при Обвинителството за претресот извршен во неговите канцеларии

Фото: Архива на Мета.мк

Поранешната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска, едногласно беше разрешена од страна на Советот на јавни обвинители, кој го усвои предлогот на Комисијата за утврдување на дисплинска одговорност.

Претходно, членовите на Советот на јавни обвинители одлучија да се одбие жалбата на обвинителката во врска со предлогот за нејзино разрешување, по што се премина на гласање по предлогот за нејзино разрешување.

„Едногласно е усвоен предлогот на Комисијата за разрешување на Вилма Русковска од функцијата јавен обвинител“, констатира претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска.

Предлогот за разрешување на Русковска дојде откако ексдиректорот на Управата за финансиска полиција поднесе претставка до дисциплинската комисија при Обвинителството за претресот извршен во неговите канцеларии.

Против Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска беше отворена дисциплинска постапка од страна на Јавното обвинителство. Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност на 30 март годинава одлучи да му предложи на Советот на јавни обвинители Русковска да биде разрешена, Трајчева да биде казнета со намалување на платата за 30 отсто, додека Јосифоска беше ослободена од одговорност.

Русковска кога го изврши претресот тврдеше дека постапувала по анонимна пријава, а до судот навела дека директорот на Управата за финансиска полиција сторил кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ и дека располага со докази за основано сомнение дека го сторил тоа кривично дело.

Дисциплинската постапка против трите обвинителки дојде на предлог на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, бидејќи наводно имало низа пропусти во случајот откако Муареми испрати претставка за претресите во Управата и обвини дека е нарушен и неговиот углед и на институцијата со која раководи. Русковска беше суспендирана од работа, а Муареми најави кривични пријави тврдејќи дека претресот во неговите канцеларии не бил во согласност со законот.

Муареми лани во август соопшти дека по своја сопствена волја се повлекува од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција, со цел да нема сомнеж за било какво влијание врз предметот кој се води во Обвинителството.