Видео Полициските „тигри“ со хеликоптер евакуираа изнемоштено лице од Галичник

[ВИДЕО] Полициските „тигри“ со хеликоптер евакуираа изнемоштено лице од Галичник

Фото и видео: МВР на РСМ

Припадниците на специјалната единица на полицијата „Тигар“, во соработка со Хеликоптерската единица при МВР спасија изнемоштено лице од Галичник.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР), по упатен повик до Центарот за управување со кризи (ЦУК) за евакуација на болно изнемоштено лице, жител на село Галичник, Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и Хеликоптерската единица на МВР бргу се подготвиле и ја почнале мисијата.

Имено, во периодот од 7 до 10 часот денеска е евакуиран жителот на Галичник, кој поради снежните навеви на патиштата кон селото, не можел да биде евакуиран по копнен пат, и е транспортиран во ГОБ „8 Септември“ во Скопје.

Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при МВР е наменета за извршување на специјални полициски и антитерористички задачи. Покрај основната намена, специјализираните тимови на единицата се користат и за извршување на спасувачки мисии при сложени услови на тешко пристапен терен.