Свет Европа Ветерен парк ќе се гради во забранетата зона околу нуклеарната централа Чернобил

Ветерен парк ќе се гради во забранетата зона околу нуклеарната централа Чернобил

Според проценките на „Нотус“, забранетата зона околу Чернобил има потенцијал за ветерен парк со капацитет од 1.000 мегавати, што е доволен за снабдување на 800.000 домаќинства на Кијив

Нуклеарната електрана Чернобил; Извор на фотографија: Укринформ

Германската компанија „Нотус“ разговара со украинските власти за изградба на ветерен парк во забранетата зона околу нуклеарната централа Чернобил, пишува германската новинска агенција ДПА.

Фирмата од Потсдам соопшти дека со украинскиот оператор на електродистрибутивната мрежа Укренерго потпишале писмо за намери за реализација на проектот.

Двете страни договорот го потпишале за време на посетата на германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок во Кијив на почетокот на неделава.

Според проценките на „Нотус“, забранетата зона околу Чернобил има потенцијал за ветерен парк со капацитет од 1.000 мегавати, што е доволен за снабдување на 800.000 домаќинства на Кијив.

Инаку, областа околу Чернобил е евакуирана и делумно е затворена после катастрофалната хаварија на реакторот во 1986 година.

„Ветропаркот на таа површина може да даде значен импулс во употребата на обновливата енергија во Украина и воедно да ја зајакне нејзината независност и децентрализација во снабдувањето со енергија“, се наведува во соопштението.

Една од предностите на локацијата е што изградбата на ветерниот парк најверојатно нема да наиде на противење поради евентуални еколошки и општествени ефекти. Забранетата зона околу Чернобил се наоѓа на околу 150 километри северно од Кијив.