Македонија Ветер оддувал чамец со две момчиња од Охрид кон Албанија

Ветер оддувал чамец со две момчиња од Охрид кон Албанија

Чамецот со малолетниците, кои се во добра здравствена состојба, безбедно се пренесени до брегот на езерото, известуваат од МВР

Фото: МВР

Утринава во Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, од страна на веслачкиот клуб „Црн Дрим“ од Струга било пријавено дека во водите на Охридското Езеро, на два километри од брегот, наспроти „Женска плажа“, неконтролирано се оддалечува чамец за веслање со двајца малолетници во правец на државната граница со Република Албанија.

Од МВР информираат дека членови на веслачкиот клуб се доближиле до чамецот, но поради силниот ветер не можеле да го извлечат на брегот.

„По преземени мерки, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, Полициската станица за граничен надзор „Франгово“ и членови на веслачкиот клуб го пронашле чамецот на еден километар наспроти хотел „Изгрев“ во Струга, по што со службен пловен објект чамецот со малолетниците, кои се во добра здравствена состојба, безбедно се пренесени до брегот на езерото“, известуваат од МВР.