Македонија Вељаноски бара граѓаните да можат да гласаат на избори со старите пасоши

Вељаноски бара граѓаните да можат да гласаат на избори со старите пасоши

Согласно чл.22 од Уставот на РМ единствени услови за да бидеш избран и да избираш е да си државјанин на Република Македонија и да си полнолетен. Сите документи (лични карти, пасоши) служат само за индетификација на личноста, вели поранешниот претседател на Собранието

Фото: Мета.мк

Поранешниот претседател на Собранието и поранешен член на Државната изборна комисија бара на претстојните избори граѓаните да можат да гласаат и доколку имаат стара патна исправа со „Република Македонија“, доколку истата е со важечки рок.

Државната изборна комисија мора да им овозможи на државјаните на Република Македонија да го остварат уставното право на гласање, вели тој во обраќањето до медиумите.

„Согласно чл.22 од Уставот на РМ единствени услови за да бидеш избран и да избираш е да си државјанин на Република Македонија и да си полнолетен. Сите документи (лични карти, пасоши) служат само за индетификација на личноста. Затоа сметам дека личните карти и пасошите (наспроти измените на законите) каде рокот за важење е утврден подолгот од денот на гласање се валидни документи за идентификација на личноста која сака да го оствари правото на гласање“, вели Вељаноски.

Тој како пример ја дава 1998 година кога тогашната Државна изборна комисија донела правилник и упатство за гласање, дека и старите лични карти и пасоши од бивша СФР Југославија каде рокот за важење е утврден подолгот од денот на гласање се важечки документи за идентификација на личноста која сака да го оствари правото на гласање дадено со Уставот.