Свет Европа Велика Британија ги замрзнува имотите на руските олигарси, Роман Абрамович е еден...

Велика Британија ги замрзнува имотите на руските олигарси, Роман Абрамович е еден од нив

Фото: John Dobson, CC BY-SA 2.0, Викимедија комонс

Владата на Велика Британија го санкционираше сопственикот на ФК Челзи, Роман Абрамович, како дел од нејзиниот одговор на руската инвазија на Украина. Тој е еден од седумте олигарси што ќе бидат погодени со нови санкции, вклучително и замрзнување на имотот и забрана за патување.

Би-Би-Си пренесе дека списокот ги вклучува и милијардерите Игор Сечин и Олег Дерипаска кој има удели во „Ен+груп“, а и двајцата се сметаат за сојузници на Владимир Путин.

На списокот за санкции се и Андреј Костин, претседател на ВТБ банка, Алексеј Милер, извршен директор на енергетската компанија „Газпром“, Николај Токарев, претседател на руската државна компанија за гасоводи „Трансњефт“ и Димитриј Лебедев, претседател на одборот на директори на Банката на Русија.

Премиерот Борис Џонсон рече дека „не може да има безбедни засолништа“ за оние кои ја поддржаа инвазијата.

„Денешните санкции се последниот чекор во непоколебливата поддршка на Обединетото Кралство за украинскиот народ. Ќе бидеме безмилосни во гонењето на оние кои овозможуваат убивање цивили, уништување болници и незаконска окупација на суверени сојузници“, рече Џонсон.

„Како дел од водечките напори на Велика Британија да ги изолира Путин и олигарсите околу него, кои имаат колективна нето вредност од околу 15 милијарди фунти, ќе им биде замрзнат имотот во Обединетото Кралство, ќе им биде забрането да патуваат овде, а британските државјани и компании нема да можат да тргуваат со нив“, се вели во соопштението на британскиот Форин Офис.

Абрамович по почетокот на руската инвазија на Украина изјави дека ќе го продаде ФК „Челзи“, но сега со најновите санкции од Британија, продажбата на клубот е стопирана.

Клубот истовремено доби посебна дозвола да продолжи со многубројни активности. Објавувајќи го потегот на Твитер, британската министерка за култура Надин Дорис рече дека фудбалскиот клуб ќе добие специјална лиценца за да може да продолжи да игра натпревари, да плаќа персонал и да се осигура дека имателите на билети можат да одат на натпревари, а истовремено да се осигура дека Абрамович не заработува пари преку неговата сопственост на клубот.