Економија Вељаноски: Планираниот економски раст е недостижен, нема проекти и следуваат избори

Вељаноски: Планираниот економски раст е недостижен, нема проекти и следуваат избори

Во Собранието денеска втор ден се расправа по дополнетиот предлог-буџет за 2019 година. Според пратениците на власта тој е граѓански и во фокусот на буџетот се нивните интереси, потреби и подобрување на квалитетот на животот.

„Со овој буџет кој  е реален, се гледа одговорното и домаќинско работење на Владата“, рече Жаклина Лазаревска од СДСМ. и додаде дека, со него се дава поддршка на поголеми плати, на стопанството, социјална поддршка и праведно оданочување.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски оцени дека планираниот економски раст од 3,2 проценти е добар, но власта нема проекти за да го реализира.

„Треба да имаш проект за да ги трошиш, а идната година има и претседателски избори кои ќе го ограничат стопанството два месеца пред и еден месец по изборите“, рече Вељаноски.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Цуклев забележа на слабиот интерес за дебатата на буџетот, како и на слабите резултати во економијата.

„Ги одбивте клучните амандмани на ВМРО-ДПМНЕ, БЕСА и Алијанса на Албанците и не гласавте за нив и едноставно решивте да терате по свое“, рече пратеникот Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.